Wednesday, March 18, 2009

Скопје какво што сакаме да биде















Политиката и невкусот ја потопија архитектурата и урбанистиката во еден град каде владее конформизмот, каде периферијата се пренесе во центарот, каде архитектот сака да е политичар ,а политичарот архитект.

Велат дека Скопје е далеку од европските метрополи, значи ли тоа дека народот и тие што треба да се грижат за градот се далеку од европските вредности и идеи – ве прашува Ивор Мицковски во темата за оваа недела.

Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот,рекол Пиколомини во далечната 1689 година.Тоа е можеби последниот комплимент за еден град кој и денеска постои.

Еден град не се оценува само според физичките убавини и материјалното, иако за жал, за тие да постојат мора да постои естетиката, етиката, културата или се она што е пред се духовно кај еден народ.

Естетиката е најмладата од човечките перцепции. Дури кога човекот се ослободува од ургетноста да се репродуцира или прехранува, тој ја согледува убавината, ја создава поезијата, играта и уметноста. Моралот потекнува од морес, обичаите на селото, а градот е тој што го оплеменува човекот преку културата и образованието. Но Скопје како да се изгубило во тој еволутивен процес.

Градот треба да е симбол на еден идентитет, изграден и надополнет низ вековите.Градот е организам кој им дозволува на индивидуите да станат нешто повеќе, а тоа е здрав колективитет.Градот е театар каде се испреплетуваат приказните на актерите, се живеат животи кои го менуваат физичкото и го адаптираат според духот на времето.

Елементите кои го карактеризираат еден град ги создаваат убавините или неубавините кои пак ги карактеризираат неговите квалитети или неквалитети. Една улица не постои само за автомобилите, како што еден споменик или градба немаат значење ако не стимулираат, не потсетуваат или не предводат некакво реално обновување.

No comments: