Saturday, January 31, 2009

Неделна тема отворена за коментар

Прашкиот мит и големиот натрапник – Ивор Мицковски

Оваа колумна ќе ја започнам со цитат на еден чешки филозоф, кој пишува:
Поимот Европа означува напредна идеја. тариот Континент има културолошки,научен и филозофски багаж кој нема претходници во човечката историја.Иако Европа одамна не владее со светот кој денеска е глобализиран, светот сепак неможе да постои без идеите и принципите на Европа. А кој е основниот? Па да речеме дека тој е општото добро – запиша духовниот татко на големиот чешки политичар Вацлав Хавел, чешкиот филозоф Вацлав Поточка.
Чешка беше долги години симболот на една заробена Европа , но сепак остана верна на идејата за обединета Европа. Со децении. Па сепак денеска, Чешка официјално претседава со ЕУ, Прага, се отрива себеси повторно заробена.Како впрочем Европа да е Австо-Унгарија или пак Советскиот Сојуз.
Претседателот Вацлав Клаус е шампионот на чешкиот евроскептицизам,човек кој не сака на својата резиденција, да го истакне европското знаме покрај чешкото.Клаус се противи на ратификација на Лисабонскиот договор, изјавувајќи, дека попрво би емигрирал во Јужна Америка.Чешка не е дел од еврозоната ,а кога се дозна дека мерките биле преземани пред се од Франција,Британија,Германија и од Италија, следуваше саркастичниот коментар на Клаус: „Повторно тие.Истите земји кои во 1938 го дозволија распарчувањето на Чехословачка“. “.Колкави се шансите Клаус да се нормализира? Никакви,велат повеќето. И не е Клаус единствениот , во Европа има и други политичари од тој ков. Во друштвото по се изгледа им се приклучува и нашиот премиер, кој неодамна изјави дека Грција може да прерасне во монструм,слично како и нацистичка Германија.Жртва на тој грчки монструм денес е Македонија. Европа овој став на нашиот премиер го доживеа како потег што го јакне евроскептицизмот во Македонија. Оттука и моето прашање за оваа недела: Дали го оправдувате ваквиот потег на премиерот во однос на ЕУ.? Или,можеби,забораваме дека ние бараме да бидеме членка на ЕУ,а не ЕУ да биде признаена од Македонија. Ова е темата на која ги очекуваме вашите коментари.

3 comments:

Anonymous said...

Ние не забораваме дека ние од ЕУ бараме да бидеме членка а не ЕУ да биде признаена од Македонија , меѓутоа Премиерот изгледа заборавил. А можеби и не заборавил, можеби целта му е никогаш да не влеземе во ЕУ и да си останеме компатибилни сами на себе :)

Ама кој сум пак јас па да си дозволам да размислувам за вакви теми, а плус тоа многу размислување е штетно деновиве :)

komentar.dr said...

Да,се согласувам со споредбата на Премиерот, не знам само зошто чекаше толку(и тој и сите останати во Македонија)
Појаснување:
Да, ние бараме да бидеме членка на ЕУ, но, колку јас знам, тоа со одредени причини. На пример: -сметаме дека ЕУ е друштво каде се почитуваат човековите права и каде што владее правото и силата на законот (а не на посилниот)
-сметаме дека членството во тоа друштво ќе не заштити од “добронамерните ни“ комшии, докажани низ векови(патем)
- и така натаму (сигурно ако се потрудите ќе ви падне нешто на ум)
Е сега, доколку горниве работи не стојат, не се точни, и доколку пред да постанеме членка треба да го изгубиме сето онаа што сакаме да го заштитиме, тогаш која е поентата да се биде член на ЕУ?
Само заради полн стомак?
Се надевам не сме толку јадни за да треба некој друг да ни го обезбедува лебот!

Unknown said...

Фала за вашите коментари...

Ние нема ништо да добиеме ако станеме народ со затворени хоризонти и изолирана егзистенција.Нормално дека некои нешта во светот функционираат во корист на посилниот,пред се во политиката,таква е реалноста.Но тоа незначи дека не постојат принципи и вредности.Но мора да се има чуство за пропорција.Ние сме млада држава, нашите прашања допрва ќе се решаваат, ако ние сме крути и затворени,никој нема да биде солидарен со нас.Колку само земји во историјата, поголеми и посилни од нас, доживеале направди, но сепак издржале и позитивно се поставиле.
Тоа што мислам дека е погрешно околу водењето на нашиот спор со Грција е следното.
Емотивната врзаност кон едно едно име, никаква рационална и функционална поставеност кон решевање на проблемот, инволвирање на национал-народни сентименти во проблематика која мора да се реши со политички инструменти е нашата поразителна позиција.
Нормално, и за мене и за секого постојат граници до каде може да се оди со името.Но, името да се доведе и да се поврзува со се што за нас значи народ и нација, е целосна манипулација.Тоа е бегање од суштината.А суштината е дека решение мора да се најде, дека компромис мора да постои.Но, ние , наместо тоа, почнавме да наоѓаме начини и самите да се убедуваме дека нам нешто ќе ни биде одземено или украдено.Тоа е толку идентично на она како размислуваат и живеат Грците.Навистина е жално кога се гледа колку стануваме слични и подеднакво мизерни.
Видовме дека сме на губитничката страна со таквата политика и однесување, видовме дека, и покрај големи пријатели и силна подршка, сме страната која доаѓа однадвор, додека одлуките се донесуваат однатре.Зарем треба да станеме ксенофобични и контраши на реалноста која не опкружува за да се чуствуваме поправични,позаслужни?
Стануваме се помалку симпатични и се помалку аргументи лежат на наша страна.Не треба да мразиш ако те мразат.Треба да ја имаш свеста дека си најмалиот и најранливиот, треба да знаеш позитивно и конструктивно да го бараш решението макар и тоа да не постоело, затоа што само така ќе те запаметат и евентуално ќе ти помогнат.Треба слабоста да биде нашата сила, аргументите и времето нашето оружје и надеж, а не да се претвориме во она што нашиот противник веќе е.Тогаш ја губиме и онаа малку предност што ја имавме, тогаш се анулира таа морална супериорност која толку долго не држеше горди и флексибилни во исто време.

Едно сакам да потенцирам, особено за оние кои мислат дека по секоја цена не треба да се попушти пред Грција.Ние не и попуштаме на грција ако го смениме нашето име.Ние попуштаме затоа што тоа е најдоброто за нас, затоа што сакаме иднина во овој свет, кој за жал или за среќа, го раководат големите.
Оние пак кои мислат дека идентитетот ќе ни биде нарушен, ќе го кажам само следното- идентитетот, точно, се гради со целосна опозиција, но со целосна опозиција се уништува и држава.Идентитетот не помалку се гради кога и ќе направиш остапка, кога знаеш зошто си ја направил и тој факт стои тука да те потсетува.Нашиот идентитет, ако не бил нарушен во овие години на отворена агресија и агитација од страна на Грција, зошто би бил погоден кога тој притисок би опаднал и кога би станале дел од европското семејство и од европските текови.
Јас како Македонец сум горд. Горд сум на себе, на овие народи, на оваа земја, со какви притисоци од страна е принудена да го поминува своето детство како држава, горд сум на младите и на старите како живеат со наметнати притисоци и како нашата мака никогаш не прераснала во отворена омраза и непријателство спрема некого. Ова е нашиот идентитет и ако едно име вреди тоа да го промени, да ја уништи нашата толерантност, нашата врска со западните вредности, нашата отвореност, нашата љубов кон различното, тогаш јас свесно се откажувам од името, за да бидам подобар човек и подобар Македонец.

За крај, Евроблог тоа што го кажа мислам дека е дел од владината стратегија.
Коментар.др, колку и да не се сложувам со твојот став, сепак го ценам. Да, стомакот треба да е полн, ја сакам идеологијата, но повеќе ја сакам реалноста.Како што веќе објаснив,,,за мене е најважно да не ги уништиме оние вредности кои не прават еден мал но вреден народ. Мал и затворен народ, со песимистички и националистички гледишта нема шанси за егзистенција.Ние со референца,со атрибут, со што било пред нашето име, сме и ќе бидеме Република Македонија. Но со негативности, со антиквизација и национализам,никогаш нема да бидеме верни на нашиот вистински идентитет.

Голем поздрав и се надевам дека и понатаму ќе дискутираме. Ивор Мицковски